Final Conference

Завршна конференција

За одбележување на резултатите постигнати во рамките на проектот „Иновативни практики за заштита на животната средина – фаза II“ во Ресен на 6 ноември се одржа Завршна конференција. На конференцијата присуствуваа земјоделци од регионот на Преспа и Корча, претставници на организациите кои го реализираа проектот и претставници на двете општини и тоа градоначалникот на Општина Ресен Др. Живко Гошаревски и заменик градоначалникот на Општина Корча Thanas Tona. За одбележување е поддршката од општините на проектот и нивното задоволство за резултатите кои проектот ги донесе во нивните општини.
На оваа конференција се одржа панел дискусија на која се разговараше за ефектите на преку граничната соработка за заштита на животната средина.
Евидентен беше впечатокот на подобрената соработка и комуникација на овоштарите. За подобрувањето на животната средина како еден од резултатите беше издвоена набавката на Агро метеоролошките станици и воспоставениот систем за информирање, односно пораките кои ги добиваат земјоделците. Во насока на животната средина овде беше издвоено дека сега овоштарите прскаат 9 пати помалку отколку пред да биде функционален системот за информирање. Така од поранешните 23 сега намалиле на 14 прскања на овоштарниците годишно.
Во духот на заштита на животната средина беше спомнато дека се користат агро хемиските лаборатории и почвените анализатори, па така како информација беше поделена дека во овој регион биле направени 295 анализи, и тоа веќе станувало практика на овоштарите. Со тоа овоштарите утврдувале со што треба да ја прихрануваат почвата односно што е она што и недостасува.
Новиот начин на прихранување кој го промовираше проектот – фертиригацијата, беше оценет како многу практичен, односно користејќи го овој апарат преку системот капка по капка тие заштедувале време и пред се ја заштитувале животната средина бидејќи прихранувањето на почвата се вршело наменски – таму каде што е потребно во почвата , а не на целата површина.
Овоштарите од Преспа и Корча на завршната конференција поделија искуства и за патувањата низ Европа. Ги посочуваа примерите од посетените современите овоштарници во Словачка и Унгарија и донесените нови информации.
На панел дискусијата овоштарите од Преспа и Корча заклучија дека нивната соработка продолжува со намера зголемување на производство, заштита на животната средина и во иднина заедно да настапуваат на европскиот пазар.